Белгија ќе ја признае Палестина на Генералното собрание на ОН, разгледува и санкции против Израел

Белгија ќе ја признае палестинската држава на Генералното собрание на Обединетите нации. Оваа одлука, која доаѓа како одговор на хуманитарната криза во регионот, го зголемува меѓународниот притисок врз Израел и се надоврзува на сличните потези на повеќе земји.

​Министерот за надворешни работи, Максим Прево, преку социјалната мрежа X, наведе дека одлуката е донесена „во светлината на хуманитарната трагедија што се одвива во Палестина, особено во Газа, и како одговор на насилството што Израел го врши кршејќи го меѓународното право“.

​Со ова, Белгија им се придружува на Австралија, Велика Британија, Канада и Франција, кои исто така го поддржаа признавањето на палестинската држава. Пристапувањето кон Декларацијата од Њујорк го отвора патот за решение со две држави, каде што палестинска држава би коегзистирала мирно покрај Израел.

​Покрај признавањето, Белгија ќе разгледа и воведување на 12 санкции кон Израел. Тие вклучуваат забрана за увоз на производи од израелските населби и преиспитување на политиките за јавни набавки со израелски компании. Истовремено, Прево нагласи дека водачите на Хамас ќе бидат прогласени за персона нон грата во Белгија.