Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска го посети основното училиште „Киро Глигоров“ по повод почетокот на новата учебна година, каде најави серија значајни реформи за подобрување на условите за учениците.
Герасимовски соопшти дека од следната учебна година се воведува бесплатен оброк за сите ученици од прво до четврто одделение, што ќе го обезбедува Општината за околу 2.500 деца.
Покрај ова, тој најави:
- Бесплатна екскурзија за сите ученици од петто до деветто одделение под наслов „Ја сакаме Македонија“, со цел да се запознаат со природните и културните убавини на земјата.
- Бесплатна дополнителна поддршка за учениците, особено во природните науки, со ангажирање на пензионирани наставници и професори.
- Воведување на бесплатно користење на базен во рамки на постоечки објект во едно од училиштата, а до крајот на годината ќе започне изградба на уште еден затворен базен.
За првачињата, Герасимовски истакна дека Општината обезбеди нови ранци и училишен прибор, но и униформи за сите ученици, со цел да се поттикне чувство на еднаквост и припадност кон училиштето.
„Вашите првачиња, заедно со сите ученици, ќе учат во најдобрите основни училишта во градот и државата. Ве уверувам дека ги овозможивме најдобрите технички услови за образование, и во сите училишта имаме највисоки стандарди“, изјави градоначалникот.
Сите најавени мерки се планирани и подготвени, а ќе бидат дел од општинскиот буџет и новите програми на крајот на оваа година.