По одлуката на поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, да го предложи монахот Георгиј за нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија, Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“ за првпат излезе со свое официјално соопштение. Од манастирот, чиј игумен е епископот Антаниски Партениј – духовник кого дел од верниците го посакуваат како нов владика на оваа епархија – упатија порака за смирување на страстите и зачувување на црковното единство.
„Во овие моменти, кога се јавуваат различни мислења и чувства, замолуваме да не се изгуби од вид она што е над сè – единството на Македонската православна црква. Тоа е темелот врз кој се гради заедништвото, духовниот мир и надежта“, стои во соопштението објавено на веб-страницата на манастирот.
Оттаму искажуваат благодарност до верниците кои, како што велат, самоиницијативно ја покажуваат својата љубов и грижа за Црквата, но и потсетуваат дека секое различно мислење треба да се изразува во духот на почит и преку канонските механизми.
„Црквата не се плаши од дијалог. Сосема е разбирливо да постојат различни ставови – тие се дел од едно духовно семејство. Но, за овие теми постојат начини: Светиот Синод, внатрецрковен дијалог, советувања со засегнатите страни. И сето тоа, со доверба во Божјата промисла“, се наведува понатаму.
Бигорската обител нагласува дека не чувствува ниту навреда, ниту понижување од одлуката, туку, напротив – достоинство, „кое произлегува од живот исполнет со молитва, труд и духовни дела“.
Соопштението завршува со повик за духовна зрелост и смирение, нагласувајќи дека единството на Црквата останува највисока вредност, особено во чувствителни моменти на одлуки и промени.