Битиќи: Договорот со Велика Британија не е антиевропски, но зголемувањето на јавниот долг е загрижувачко

Поранешниот вицепремиер за економски прашања и актуелен пратеник од СДСМ, Фатмир Битиќи, изјави дека не го смета договорот со Велика Британија за антиевропски, но изрази загриженост поради зголемувањето на јавниот долг. Во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5, тој нагласи дека Велика Британија, иако веќе не е членка на ЕУ, останува важен партнер, особено по нејзината помош во развојот на Националната развојна стратегија (НРС) на Северна Македонија.

Битиќи посочи дека, иако не го смета договорот за антиевропски, Владата треба да биде повнимателна при задолжувањето, особено кога постојат достапни средства од ЕУ, како што се 700 милиони евра од претпристапната помош и 600 милиони евра од Планот за раст. Тој истакна дека овие средства се неповратни и не го оптоваруваат јавниот долг, за разлика од заемите кои ќе треба да ги враќаат идните генерации.

„Со денешното потпишување на договорот со Велика Британија, јавниот долг ќе се зголеми за 60%, што значи дека го оставаме на нашите деца да го враќаат,“ рече Битиќи, додавајќи дека вакви стратешки договори не се реткост во светот, но потребна е поголема транспарентност и отчетност од страна на Владата.