Битолчанец осомничен за разбојничка кражба во фризерски салон

Основното јавно обвинителство во Битола донесе наредба за спроведување истражна постапка против 22-годишен битолчанец, осомничен за кривично дело разбојничка кражба според член 238, став 1 од Кривичниот законик.

Според обвинителството, на 23 јуни околу пладне, осомниченитo влегол во фризерски салон и побарал пари од фризерот. Кога тој одбил да му ги даде доброволно, осомничениот го искористил моментот кога фризерот се оддалечил од фиоката во која го чувал прометот, ја отворил и одзел 3.000 денари.

По кражбата, осомничениот се обидел да избега, но фризерот го фатил и го држел за да го спречи да замине додека не пристигне полицијата. Сепак, осомничениот му се заканил дека ќе го испрска со солзавец, поради што оштетениот го пуштил, а тој побегнал со украдените пари. Полицијата сè уште го бара осомничениот, кој е во бегство.

Јавното обвинителство веќе поднесе предлог до Основниот суд во Битола за определување притвор за осомничениот, кој ќе започне да се спроведува веднаш по неговото апсење. Мерката е побарана поради неговата претходна криминална историја – осомничениот веќе е осудуван за слични дела, а сега активно се крие од правдата.

Истрагата продолжува.