„Бличер рипорт“ го круниса Џордан за најголем на сите времиња – Јокиќ пред Новицки и Ирвинг!

Реномираниот американски спортски портал „Бличер рипорт“ објави ексклузивна ранг-листа на 100 најголеми НБА кошаркари на сите времиња, а на врвот сосема очекувано се најде иконата на светската кошарка – Мајкл Џордан.

Листата е резултат на темелна анализа на спортски новинари, уредници и аналитичари кои ги земале предвид најважните критериуми: индивидуални награди, статистика, успеси во плејофот, број на освоени титули, културно влијание и вкупната величина на играчите низ историјата.

Топ 10 изгледа вака:

1. Мајкл Џордан

2. Леброн Џејмс

3. Карим Абдул-Џабар

4. Меџик Џонсон

5. Бил Расел

6. Шекил О’Нил

7. Тим Данкан

8. Лери Бирд

9. Вилт Чемберлен

10. Стеф Кари

Интерес предизвикува фактот што Коби Брајант, петкратен шампион со ЛА Лејкерс, е позициониран на 11. место.

Од балканските кошаркари највисоко котира Никола Јокиќ, кој се наоѓа на извонредното 17. место, пред кошаркарски великани како Дирк Новицки, Џулиус Ирвинг и Дејвид Робинсон. Со ова, „Бличер рипорт“ уште еднаш го валоризира неговото огромно влијание врз играта во последната деценија.

„Јокиќ не само што е мајстор за асистенции, туку и разви смртоносен офанзивен арсенал со кој го водеше својот тим до шампионската титула – вештина што веќе ја совладал на врвно ниво“, стои во анализата на порталот.

Српскиот центар досега трипати е прогласен за најкорисен играч (MVP) во НБА, а во 2023 година ја донесе првата шампионска титула во историјата на Денвер Нагетс.

Експертите на „Бличер рипорт“ прогнозираат дека со текот на времето, Јокиќ ќе напредува сè повисоко на оваа историска листа, веќе надоместувајќи го јазот до најдобрите 15 на сите времиња.