Пратеникот од СДСМ и поранешен министер за земјоделство, Љупчо Николовски, побара оставка од актуелниот министер Цветан Трипуновски (ВМРО-ДПМНЕ), обвинувајќи го дека иако признал оти ИПАРД програмата е суспендирана, не понудил никакви решенија, ниту преземал одговорност за штетата.
Николовски реагира на интервјуто на Трипуновски, истакнувајќи дека не добил одговор за тоа колкава е штетата и колку ќе трае проверката за корупција и криминал во Агенцијата, во која биле вклучени и негови блиски соработници, вклучително и негова посебна советничка.
„Министерот Трипуновски видно нервозен излезе на телевизија и наместо да понуди решение сам потврди дека ИПАРД е суспендиран“, вели Николовски.
Загрозени 130 милиони евра и 10.000 работни места
Николовски предупреди дека директно се загрозени 130 милиони евра европски средства. Според него, овие пари требало да донесат над 3.000 нови бизниси и 10.000 нови работни места.
„Овие пари не се бројка на хартија, тоа се грантови за реални луѓе, за млади земјоделци, за семејства кои вложиле сопствени средства и надеж дека државата и Европа стојат зад нив. Денес се изневерени“, истакнува Николовски.
Тој го осуди нападот на Трипуновски врз претходните успешни програми кои, како што тврди, создадоа над 4.000 нови мали производители.
„Јас денес понудив конкретни решенија, транспарентно и одговорно, за доброто на земјоделците и државата. Тој ги одби и избра да обвинува без никакви докази“, додаде Николовски, порачувајќи дека неговата борба е за секој земјоделец кој се чувствува изневерен.