Бодигардот на премиерот Мицкоски негира вина за оддавање службена тајна

Ангел Самараков, полициски службеник од Шестата управа на Министерството за внатрешни работи, кој до неодамна бил ангажиран како обезбедување на премиерот Христијан Мицкоски, денеска се појави пред Основниот кривичен суд во Скопје, обвинет за оддавање службена тајна. На прашањето на судот дали се чувствува виновен, Самараков одговори: „Не сум виновен“.

Обвинението, презентирано од обвинителката Ивана Трајчева, се однесува на настан од 30 март 2025 година, кога, според обвинителството, Самараков на паркингот пред хотелот „Гарденија“ во Велес му предал на сведокот Благоја Коруноски документи класифицирани како службена тајна. Документите, наводно, биле доставени со цел да бидат објавени на социјалните мрежи, а како противуслуга, обвинетиот требало да добие 50.000 евра од извесна Лелита Трајковска Миленкова.

„Со тоа обвинетиот сторил кривично дело – оддавање службена тајна по член 360, став 2, во врска со став 1 од Кривичниот законик“, рече обвинителката Трајчева во воведниот збор.

Одбраната на Самараков, предводена од адвокатот Ивица Ефремов, ја негираше вината и најави дека ќе докаже дека доказите што ги користи обвинителството се прибавени на незаконит начин и не можат да се користат во судска постапка.

„Ќе докажеме дека документите не се службена тајна и дека нема доказ за елементот на користољубие“, изјави Ефремов.

Сведокот Благоја Коруноски, кому му се препишува приемот на документите, моментално се наоѓа надвор од земјата, па неговото сведочење е одложено за август. Обвинителството најави дека во текот на постапката ќе бидат прикажани две видео снимки – едната од критичната вечер, а другата од различен временски период.

Како доказен материјал се приложени и вештачени електронски уреди, меѓу кои мобилни телефони, лаптоп и хард дискови.

Во судницата беше присутна и сопругата на обвинетиот, Сања Самаракова, поранешна кандидатка за советник на ВМРО-ДПМНЕ во општина Велес. Ангел Самараков е вработен во МВР од 2015 година, не е претходно осудуван, и е дипломиран правник со положен правосуден испит.