Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини денес одржа владин тематски состанок за Партнерството за отворена власт, на кој министерката Сања Божиновска ги истакна заложбите за транспарентност во секторите од големо јавно значење.
„Енергетиката, рударството и минералните суровини се сектори од големо јавно значење кои го носат економскиот развој на државата. Нивното управување мора да биде транспарентно, отчетно и достапно за јавноста,“ изјави Божиновска.
Објавување на договорите и нови електронски системи
Божиновска соопшти дека е формирана работна група во рамки на Министерството која има задача да го реализира објавувањето на сите склучени договори за:
Концесии за експлоатација на минерални суровини
Договори за детални геолошки истражувања
Овие документи се веќе достапни на веб-страницата на Министерството, со што им се овозможува директен увид на граѓаните и граѓанските организации.
Во делот на јавно-приватното партнерство (ЈПП), Министерството веќе води Регистар на доделени договори. Овој регистар ќе се надгради со воспоставување на Единствен електронски систем за јавно-приватно партнерство, кој ќе ги опфати сите фази на проектите – од планирање до завршување на договорите. Системот ќе биде директно поврзан со Националниот електронски систем за јавни набавки (ЕСЈН).