Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествуваше на високопрофилната пленарна сесија „The Resource Race: Who Controls the Green Future“ во рамки на Астана Интернационалниот Форум 2025. Таа ја истакна централната улога на критичните минерали во енергетската транзиција, опишувајќи ги како новата геополитичка оска во оформувањето на глобалната енергетска и безбедносна политика.
Сесијата отвори важна дебата за растечката светска трка по критични минерали и ретки елементи, кои се неопходни за развојот на зелени технологии и преминот кон обновлива енергија. Разговараше се за глобалниот пристап до ресурси, ризиците во синџирите на снабдување, порастот на ресурсниот национализам и потенцијалот на иновациите во рециклирањето.
„Преодот кон обновливи извори на енергија и зелените технологии создава невидена побарувачка за минерали како литиум, кобалт, бакар и графит. Тие не се само индустриски суровини, туку и стратешки алатки што го обликуваат новиот светски поредок“, нагласи Божиновска.
Министерката ги сподели ставовите на Македонија за улогата на помалите држави во новата глобална мапа на енергетски интереси, посочувајќи ја важноста на одржливото користење на ресурсите, регионалната соработка и еколошката одговорност.
Божиновска предупреди дека висока концентрација на преработка на критични минерали во неколку земји претставува сериозен ризик по енергетската безбедност на останатите.
„Во време кога светот се стреми кон декарбонизација, не смееме да дозволиме нова зависност – овојпат не од фосилни горива, туку од минерали под геополитичка контрола“, подвлече таа.
Во своето обраќање, министерката истакна дека Македонија има потенцијал да биде дел од решението преку развој на капацитети за одржлива експлоатација, преработка и складирање на минералните суровини.
Како конкретен пример, таа го посочи новиот закон за енергетика, кој предвидува дека сите нови енергетски капацитети ќе мора да вклучуваат системи за складирање батерии со минимум 20% од инсталираниот капацитет – чекор кој ќе овозможи поголема флексибилност на енергетската мрежа и подобра интеграција на обновливите извори.
„Нашата цел е да изградиме енергетски систем кој е отпорен, одржлив и независен. Тоа подразбира не само инвестиции во обновливи извори, туку и во современи технологии за складирање, рециклирање и одговорно управување со минералните ресурси“, заклучи Божиновска.