Бојковска: Вработувањето на младите е стратешки приоритет на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ

На трибина посветена на темата „Како политиките на ВМРО-ДПМНЕ ја подобрија положбата на младите во Македонија во првата година од владеење?“, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Драгана Бојковска, порача дека Владата активно го вклучува младинскиот глас во креирањето на политиките и успешно ги насочува напорите кон подобрување на нивната положба.

„Младите имаат реална поддршка во процесите на донесување одлуки. Заедно со Унијата на млади сили спроведовме низа активности и каравани низ цела Македонија, слушајќи ги потребите на младите и интегрирајќи ги нивните ставови во конкретни мерки“, истакна Бојковска.

Таа нагласи дека политиката на ВМРО-ДПМНЕ се движи во правилна насока, особено со фокус на три клучни сегменти: образование, вработување и обезбедување услови за самостоен живот преку проектот „Дом за млади“.

Особен акцент беше ставен на Оперативниот план за вработување, чија примена, како што рече Бојковска, е насочена кон над 65% од младите до 29 години.

„Се обезбедува вистинска поддршка за младите претприемачи, со транспарентен и фер процес, кој ги охрабрува квалитетните бизнис-иницијативи. За разлика од претходната власт, кога имавме скандали како оној со Фондот за иновации и 3 милиони евра злоупотребени средства, денес младите можат да очекуваат реална шанса за успех“, нагласи таа.

Бојковска заврши со порака дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со уште поголема посветеност да работи на политики кои младите ги чувствуваат како свои и кои директно ја подобруваат нивната иднина во Македонија.