​Брат си го претепал сопствениот брат до бесвест со дрвена ногарка и го оставил да лежи во крв, Јавното обвинителство бара притвор

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против лице осомничено за обид за убиство на својот брат. Инцидентот се случил во семејниот дом во населбата Марино, а осомничениот наместо да пружи помош, го оставил повредениот да лежи во бесознание и повикал брза помош со задоцнување од речиси три часа.

​Кривичното дело, квалификувано како „Убиство во обид“ од член 123 став 2 точка 2 во врска со член 19 од Кривичниот законик, е извршено на 18 октомври.

​Според информациите од Обвинителството, осомничениот во семејниот дом во Марино се обидел да го лиши од живот сопствениот брат, удирајќи го со дрвена ногарка по главата и по целото тело. Жртвата од ударите почнала да крвари од главата и изгубила свест.

​Наместо да му помогне на својот брат, осомничениот си легнал да спие.

​Следниот ден, кога се разбудил, го видел братот како лежи во крв и без свест. Сепак, Обвинителството наведува дека осомничениот повторно го оставил и повикал медицинска помош дури по речиси три часа.

​Јавниот обвинител, имајќи ги предвид сите околности на настанот и опасноста, достави предлог до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје за определување мерка притвор за осомниченото лице.