Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, преку јавна објава остро се огласи со сериозни обвинувања за политички и институционален притисок, објавувајќи го со име, презиме и фотографија високиот полициски функционер Звонко Тасевски.
Арсовска тврди дека Тасевски, кој на 12 ноември 2024 бил именуван за член на Републичкиот совет за безбедност од страна на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, ја навредувал и девалвирал како жена и личност, по партиска нарачка. Таа посочи дека тој обучува полицајци во МВР, а воедно, според неа, учествува и во координирани напади насочени кон неа од страна на штабот на ВМРО.
„Звонко напаѓа, навредува и девалвира жени по нарачка. Не биди Звонко!“, напиша Арсовска во својата објава.
Таа посочи и дека одредени политички структури се обидуваат да влезат во општината со цел да уништат документи поврзани со наводни криминални активности. Според неа, три години институциите биле известувани за незаконските обиди за легализација на дивоградби, а фалсификати биле направени дури и на 20 март 2025 година.
„Затоа што никој од вработените во Град Скопје нема да дозволи некој да се богати со овој фалсификат, јас сум должна да ги заштитам“, нагласи таа.
Арсовска, во обраќањето, повторно ги спомена и заканите што, како што вели, доаѓаат од криминалните структури поврзани со Ганиу, Меџити и Адеми, обвинувајќи го премиерот дека ѝ кажал „дека му е жал, но дека не сум била добра жена“, откако таа ги пријавила заканите.
„Додека ми велат да пријавам во МВР, истовремено даваат наредба од штаб да ме навредуваат и напаѓаат. Но, нема да се повлечам“, заклучува Арсовска во драматичната порака.
Во завршницата, таа упати прашање до јавноста:
„А вие, срам имате ли?“