Воената влада на Буркина Фасо, предводена од Ибрахим Траоре, донесе одлука да ја прекине програмата Target Malaria, финансирана од американскиот милијардер Бил Гејтс, чија цел беше намалување на ширењето на маларија преку пуштање генетски модифицирани комарци.
Соопштението, објавено во петокот, наложува веднаш запирање на сите активности и уништување на сите примероци поврзани со проектот во земјата. „Сите примероци ќе бидат уништени според строг протокол,“ истакна Самуел Паре од Министерството за високо образование и истражување.
Програмата започна во 2019 година, кога во селото Бана беа пуштени првите ројови модифицирани машки комарци, создадени за да го намалат репродуктивниот капацитет на женките кои ја пренесуваат маларијата. Намерата беше долгорочно да се намали ширењето на болеста што годишно убива стотици илјади луѓе во Африка.
Сепак, проектот предизвика бројни контроверзии. Критичарите предупредуваат на етички и еколошки последици, велејќи дека истребувањето на цела врста, иако штетна, може да создаде непредвидливи проблеми. Али Тапсоба, портпарол на коалицијата против иницијативата, изјави: „Оваа технологија е многу контроверзна и носи сериозни етички предизвици. Треба да се даде приоритет на безбедни алтернативи.“
Во меѓувреме, африкански активисти ја поздравија одлуката на властите, нарекувајќи ја „победа против проект финансиран од Бил Гејтс и американската армија“.
Со овој потег, хунтата во Буркина Фасо испраќа јасен сигнал за ограничување на влијанието на странските НВО во земјата, што е дел од пошироката стратегија на сегашниот режим.