Потпретседателот на ДУИ и кандидат за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, денеска категорично ги демантираше тврдењата на коалицијата ВЛЕН за наводна средба со Никола Груевски.
Според обвинувањата, средбата била со цел да се обезбедат пратеници за поддршка на уставните измени.
„Во недостаток на идеи и очекуван пораз на изборите, манипулациите на ВЛЕН продолжуваат во однос на наводна моја средба со Груевски“, изјави Османи.
Тој додаде дека веќе јасно и гласно кажал дека таква средба немало и дека постојаното повторување на невистините нема да ѝ помогне на ВЛЕН во изборната кампања. Османи порача дека одговорот на овие „оцрнувања“ ќе стигне на 19 октомври, денот на изборите.