Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од Националната алијанса за интеграција, Бујар Османи, најави конкретни и итни мерки кои планира да ги преземе веднаш по преземањето на функцијата, ставајќи ги борбата против корупцијата и чистотата како свои главни приоритети. Османи својата лична одговорност ја стави како гаранција за исполнување на ветувањата.
Османи најави три итни мерки, поврзувајќи го своето политичко продолжување со нивната успешна реализација:
Масовно чистење на општината: „Ако во првите сто дена не го исчистам Чаир, нема да продолжам понатаму,“ рече Османи, додавајќи дека нечистотијата е најважната работа која им го отежнува животот на луѓето.
Бескомпромисна борба против корупцијата: Ќе биде формиран механизам за борба против корупцијата. „Ако во првите сто дена не ја сведам корупцијата на нула во Чаир, нема да продолжам понатаму,“ истакна Османи.
Итно решавање на легализациите: Најави итно решавање на сите предмети и барања за легализација на објекти, со цел да се заштитат граѓаните кои се чувствуваат правно несигурни. „Ако во првите шест месеци се појави некоја папка за легализација во фиока за да се уценуваат луѓето кога ќе дојдат избори, нема да продолжам понатаму,“ потенцираше Османи.
Османи ја објасни потребата за итен и радикален пристап со тоа што актуелната состојба им ја одзема надежта на граѓаните.
„Ако продолжиме вака, луѓето ќе ја изгубат надежта, една група ќе продолжи да се богати на ваш грб, како што тоа го прави дваесет години, а нашите деца ќе ја бараат првата можност да го напуштат Чаирот. Ова мора да го запреме заедно,“ заклучи Османи.