На денешната прес-конференција на ОО СДСМ Аеродром, Бојан Василевски остро реагираше на, како што рече, целосната негрижа и неспособност на ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво, поради која четири години по преземањето на власта, во Аеродром не е изградена ниту една нова градинка.
„Изминаа речиси четири години откако ВМРО-ДПМНЕ ја презеде локалната власт. И четири години подоцна, иако ветија изградба на четири нови градинки, ниту една од нив не е ни започната со реализација“, истакна Василевски.
Според програмата со која Стефан Муцунски и Дејан Митески ја побараа довербата од жителите на Аеродром, највисок приоритет беа токму новите градинки во Острово, Мичурин, Лисиче и Долно Лисиче. Денес, ниту една од нив не постои, а на листата на чекање секоја година се наоѓаат околу 700 деца.
„ВМРО-ДПМНЕ покажаа целосна незаинтересираност за решавање на овој горлив проблем. Единствениот објект на градинка што се гради во моментов во Стар Аеродром е со средства обезбедени од Владата предводена од СДСМ во 2024 година – 70 милиони денари“, потенцираше Василевски.
За споредба, додека СДСМ раководеше со Општина Аеродром, беа изградени две целосно нови градинки: „Црвенкапа“ во Стар Аеродром и „Буба Мара“ во Ново Лисиче, со капацитет од по 200 деца.
„Што направи ВМРО-ДПМНЕ за четири години? Точно – нула нови градинки! Цел мандат го преспаа!“, рече Василевски и упати низа прашања до актуелниот в.д. градоначалник Дејан Митески:
- Каде е градинката во Острово, ветена во близина на ОУ „Браќа Миладиновци“?
- Каде е градинката во дворот на ОУ „Блаже Конески“?
- Каде е градинката на крајната постојка на линија 17 на Тодор Чангов?
- Каде е градинката во Долно Лисиче?
„Полни усти со ветувања пред избори, а нула реализација на крајот на мандатот. Не ли ви е срам повторно да барате доверба од граѓаните?“, запраша Василевски.
Во завршницата на обраќањето, тој порача дека времето на ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром истекува и дека за, како што рече, ваквата неспособност, некој мора да понесе одговорност.
„Дејан Митески не заслужува повторно да биде градоначалник на Аеродром. Граѓаните бараат и заслужуваат промени“, заклучи Бојан Василевски.