Васиљевиќ: Напад врз просториите на СНС е причина за инцидентите

Директорот на српската полиција, Драган Васиљевиќ, во изјава за РТС, насилните инциденти во Врбас и Бачка Паланка ги оцени како напад врз просториите на Српската напредна партија (СНС). Во судирите, според него, симпатизерите на СНС само се бранеле. Инцидентите резултираа со 70 повредени лица, меѓу кои 16 полицајци.

​Според полицијата, во Врбас и Бачка Паланка се собрале групи граѓани со намера да се судрат со поддржувачите на СНС, кои веќе биле пред партиските простории. Васиљевиќ истакна дека полицијата интервенирала за да ги раздвои двете групи, а притоа биле приведени повеќе лица.

​Сепак, медиумите како N1 и 021, како и сведоштва на социјалните мрежи, тврдат дека полицијата не успеала да ги спречи нападите на симпатизерите на СНС, кои фрлале пиротехника, камења и шишиња кон демонстрантите. На терен интервенирала и брза помош, а еден снимател на N1 бил погоден со камења.

​Инцидентите се случија во рамки на деветмесечните студентски и граѓански протести во Србија, кои започнаа по трагедијата во Нови Сад. Демонстрантите бараат одговорност од власта за корупција и неквалитетни градежни работи. Синоќешните протести беа во знак на солидарност со претходно уапсените и повредените демонстранти.

​Додека РТС кусо известуваше за настаните, провладините таблоиди ги нарекоа демонстрантите „терористи блокатори“ и „дивјаци“, обвинувајќи ги за крвопролевање.