Велевски: Кавадарци е наш дом, ќе воведеме агро-берза и гасификација, не отстапуваме од борбата против олигархијата

Кандидатот за градоначалник на Кавадарци од СДСМ, Виктор Велевски, ја побара довербата од граѓаните на митинг, порачувајќи дека борбата за градот е борба за достоинствена иднина и европски град, ослободен од корупција и крупни бизнис интереси.

​„Кавадарци е нашиот дом, а битката за него е битка за социјална правда, права на работниците, перспективи и иднина на младите и претставува наша должност за да го одбраниме градот пред налетот на корумпираните олигархиско-бизнис интереси на крупниот капитал, корупцијата и криминалот,“ рече Велевски.

​Тој нагласи дека нема отстапување и нема компромис кога се работи за иднината на градот и новите генерации.

​Велевски вети дека неговата визија за европско Кавадарци се темели на конкретни и остварливи проекти, базирани на реални потреби:

​Агро-берза: „Веднаш по преземањето на Општинската власт, заедно со тимот на советници ќе воведеме агро-берза со цел да му олесниме на нашиот земјоделец.“

​Екологија и комуналии: Зелена обиколница (зелен прстен) околу градот, гасификација за поевтино греење и почист воздух, и изградба на современа пречистителна станица за заштита на Луда Мара.

​Социјални мерки: Намалување на комуналните сметки, бесплатна градинка за семејства со ниски приходи, субвенции за заштитна опрема за земјоделци.

​Поддршка за младите: Олеснување за млади брачни парови со ослободување од комуналии.

​Инфраструктура и услуги: Изградба на бизнис центар и старечки дом, поевтин и поквалитетен паркинг и јавен превоз.

​Велевски ги повика граѓаните на обединување, порачувајќи дека Кавадарчани се „остроумен и паметен народ“ и сами го гледаат тоа што ДПМНЕ го вети, а не го направи. Тој повика на збивање на редовите и гласање за бројот 5 на 19 октомври.