На оградата пред Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје денеска беше поставен транспарент со пораката: „Дедо Стефан, слушни го народот – Партениј за митрополит“. Оваа јавна реакција доаѓа во пресрет на најавениот избор на нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија, што го подгреа незадоволството кај дел од верниците.
Пораката е директно упатена до Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, кој неодамна го предложи монахот Георгиј (Ѓоко Ѓоргевски) за нов митрополит. Георгиј беше замонашен на 27 мај, а само неколку дена подоцна доби и свештенички чин. Предлогот е веќе доставен до членовите на Светиот архиерејски синод, при што изборната седница е закажана за 12 јуни.
Според голем број верници, ваквиот забрзан процес е несоодветен и во спротивност со канонските норми. Тие ја изразуваат својата поддршка за архимандрит Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, кого го сметаат за еден од најпочитуваните духовни авторитети во земјава.
Покрај транспарентите, се најавуваат и јавни собири: денеска во 12 часот на плоштадот „Македонија“ во Скопје, како и во Охрид во 18 часот. Организаторите на протестите се оградуваат од секакви политички или институционални влијанија, нагласувајќи дека целта е исклучиво духовна и морална.
„Не повикуваме на раскол или судир. Сакаме да се слушне гласот на верниот народ и да се почитуваат духовните вредности што ја водат Црквата“, изјавија иницијаторите на протестот.