​Виктор Димовски за 360: Немаше потреба од овој циркус ако ги декласифицираа документите

Поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, во интервју за „360 степени“ ја коментираше актуелната „шпионска афера“ и наводите за прислушување на премиерот Христијан Мицкоски.

​Димовски цврсто останува на своето тврдење дека за време на неговиот мандат како директор, тогашниот лидер на опозицијата не бил прислушуван или следен.

​„Тврдам дека немало никаква документација што се однесува на прислушување и следење на поранешниот лидер на опозицијата, а доколку такво нешто постои, немаше да има потреба од ништо од ова што се случува, од овој циркус во парламентот, немаше потреба можеби и оваа емисија да ја имаме, ако одлучеа на едноставен начин да се декласифицира документацијата и да се објави“, изјави Димовски.

​Тој не може да потврди дали името на Мицкоски се споменува во некои документи за оперативна обработка на други лица, но потенцира дека тоа не значи дека премиерот бил формално заведен како цел на следење.

​„Зошто би се служеле со елегантен начин?“

​На прашањето дали е можно некој да биде оперативно обработуван без да биде формално заведен, Димовски одговори дека АНБ би презела директни мерки доколку постојат индиции дека некое лице, без разлика дали е од власта или опозицијата, ја загрозува националната безбедност.

​„Во дадениот случај тоа не беше така“, додаде Димовски.

​Ова е прв јавен настап на Димовски по брифингот во АНБ на 29 август, кога Агенцијата соопшти дека доставила три известувања до Јавното обвинителство за индиции за незаконско постапување на поранешен директор и вработени.