Владата го објави Оперативниот план за вработување за 2025 година со рекордно зголемување од 7,5 милиони евра во однос на минатата година. Вкупниот буџет за оваа програма изнесува 40 милиони евра (2,5 милијарди денари) и опфаќа над 16.000 граѓани, со фокус на младите, невработените и корисниците на гарантирана минимална помош.
„Наш врвен приоритет е намалување на невработеноста преку отворање нови работни места и задржување на младите во државата“, соопштија од Владата.
Планот вклучува три категории на поддршка:
Млади лица до 29 години
Невработени лица со минимум основно образование
Корисници на гарантирана минимална помош
Клучни новини во програмата се три подмерки за самовработување:
7.000 евра неповратни средства за невработени лица со минимум основно образование за започнување сопствен бизнис.
10.000 евра неповратна поддршка за млади невработени до 29 години.
14.000 до 20.000 евра за здружено самовработување на две лица, при што максималната сума се однесува за млади содружници до 29 години.
Услов за учество е кандидатите да бидат евидентирани како активни баратели на работа во центрите за вработување низ државата.
„Целта е да ги стимулираме младите да развијат претприемачки дух и да ја градат својата иднина во Македонија“, се вели во владиното соопштение.