Владата продолжува со брендирањето на службените возила, до 29 септември треба да заврши процесот

​Заклучно со вчера, околу 700 возила веќе се брендирани и обележани со нови, специјални регистарски таблички во боја, изјави директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР), Ивица Томовски. Тој очекува дека до крајниот рок, 29 септември, сите возила во државна сопственост ќе бидат обележани.

​Томовски појасни дека од околу 7.500 возила што се споменуваат во јавноста, голем дел се веќе вон употреба и најверојатно ќе бидат расходувани. Тој нагласи дека целта на овој процес е рационализација на возниот парк и сведување на бројот на возила на минимум, односно на околу 2.000 возила, кои се неопходни за непречено функционирање на институциите.

​Томовски ги повика сите институции да ја почитуваат препораката на Владата и дадениот рок, бидејќи оние што нема да го сторат тоа ќе мораат да ги променат таблиците при редовната регистрација.

​Директорот најави дека се работи на формирање работна група меѓу МВР и СОЗР за да се разгледа можноста за измени на регулативата, со цел да се воведат казни за злоупотреба на службените возила. Се очекува ова да се заврши до крајот на годинава.

​Томовски информираше и дека се разгледува можноста на сите службени возила да се инсталира GPS уред за да се спречат злоупотребите.

​СОЗР е во соработка со Антикорупциската комисија и веќе доставила извештаи за бројот и видот на службените возила што се на располагање на институциите.