Владина делегација предводена од Мицкоски на Самитот за Западен Балкан во Лондон

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, заедно со владина делегација, ќе присуствува на овогодинешниот Самит за Западен Балкан, кој се одржува во Лондон, Велика Британија, како дел од Берлинскиот процес. Делегацијата ќе учествува на низа состаноци, а предвидени се и голем број билатерални и економски работни средби со цел унапредување на соработката со Обединетото Кралство.

​Премиерот Мицкоски во Лондон ќе биде придружуван од вицепремиерот Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, министерката за финансии, Гордана Кочоска Димитриеска, како и министерот за евроинтеграција, Орхан Муртезани.

​Владината делегација ќе учествува на голем број состаноци во состав на Берлинскиот процес, кој е фокусиран на регионалната соработка и европската интеграција на земјите од Западен Балкан.

​Според соопштението од владината прес-служба, на маргините на самитот, како и во рамки на целата посета на Обединетото Кралство, предвидени се голем број билатерални средби.

​Особено се нагласува дека делегацијата ќе оствари повеќе економски работни средби кои, според Владата, ќе претставуваат економски исчекор за меѓусебната соработка меѓу двете земји.