Јувентус се соочува со непланирана пречка во летниот преоден рок – Душан Влаховиќ. И покрај желбата на клубот да ја освежи напаѓачката линија, српскиот голгетер нема намера да замине од Торино, пишува италијанскиот „Corriere della Sera“.
Според информациите, Влаховиќ инсистира да остане до истекот на својот договор, кој завршува следното лето. Неговата плата од 12 милиони евра годишно претставува сериозен товар за буџетот на клубот, особено во момент кога Јувентус планира да доведе нов напаѓач.
Целта на „Старата дама“ е Џонатан Давид од Лил, кој би пристигнал како слободен играч. За неговите услуги, клубот е подготвен да одвои околу шест милиони евра по сезона – двојно помалку од платата на Влаховиќ.
Токму тоа ја усложнува ситуацијата. Јувентус би сакал да го продаде српскиот репрезентативец уште ова лето за да ослободи средства, но неговиот став го „блокира“ потенцијалниот трансфер на Давид.
Влаховиќ е дел од тимот од јануари 2022 година, кога пристигна од Фиорентина за 83,5 милиони евра. Во досегашниот период одигра 145 натпревари и постигна 58 голови во сите натпреварувања.