Политичката коалиција „ВЛЕН“ го обвини поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, за молк во врска со сомнителен тендер за изнајмување возила во вредност од 700.000 евра. Тендерот е поврзан со организацијата на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје, во декември 2023 година.
Според „ВЛЕН“, Министерството за надворешни работи, под раководство на Османи, склучило договор во вредност од 56.640.000 денари за изнајмување возила за дводневната конференција.
Од „ВЛЕН“ нагласуваат дека истата компанија, само еден месец претходно, ги нудела истите возила по цени три пати пониски за секојдневните потреби на МНР. Како пример го наведуваат VIP возилото со возач, чија цена за конференцијата била 29.000 денари на ден, наспроти 9.500 денари за истата услуга еден месец претходно.
„Кој ја доби разликата од 700.000 евра? Дали овие пари завршија во приватни џебови? И во чии? Ова не е административна грешка. Ова е чиста шема на корупција“, изјави Арбер Кадриу од „ВЛЕН“, барајќи одговор од Бујар Османи.