Влен: Историски договори, милиони евра инвестиции и зголемени примања

Во своето најново соопштение, движењето „Влен“ ги истакнува постигнувањата во првите 11 месеци од владеењето, нагласувајќи значајни економски реформи и инвестиции. Меѓу најзначајните достигнувања е договорот со Велика Британија вреден 6 милијарди евра, кој се очекува да донесе нови можности за економски развој и вработување.

Дополнително, „Влен“ наведува дека се реализирани 720 милиони евра странски директни инвестиции, со што се отворени 2.790 нови работни места. Во рамките на инфраструктурните проекти, започната е изградбата на „ONE STOP SHOP“ во Блаце, со планови за проширување во Јажинце, Табановце и Ќафасан.

Во образованието, се инвестирани 35 милиони евра за новиот универзитетски кампус „Мајка Тереза“, додека 300 милиони евра се распределени за општините за изградба на училишта, градинки и спортски сали. Исто така, 20 милиони евра се наменети за подземен паркинг на плоштадот „Скендербег“ во Скопје.

Што се однесува до социјалните политики, „Влен“ информира дека се зголемени платите: наставниците добиле покачување од 12%, здравствените работници 15%, полицијата 10%, а пензиите се зголемени за 5.000 денари за 340.000 пензионери во рок од 9 месеци.

„Ова се само дел од нашите достигнувања за само 11 месеци владеење. Промената е реална и мерлива. Резултатите зборуваат сами за себе. ВЛЕН дејствува, се осмелува и носи промени. Ќе продолжиме да бидеме гласот на граѓаните, со конкретни дела и јасна визија за подобра иднина“, се наведува во соопштението на „Влен“.