Коалицијата „ВЛЕН“ денеска реагираше на одлуката на „Европскиот фронт“ да се ребрендира во „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ). Според „ВЛЕН“, промената на името и логото е обид на ДУИ и нејзините сојузници да ја сокријат внатрешната криза и 22-годишните неуспеси.
Во своето соопштение, „ВЛЕН“ истакнува дека постојаните промени на имињата, од „Европски фронт“ до „НАИ“, се јасен показател за партија која не знае каде оди.
„Еден ден зелена боја, следниот ден сина, но во секој случај, граѓаните ги гледаат истите луѓе, со истите неуспеси и истата корупција“, се вели во соопштението.
Коалицијата „ВЛЕН“ додава дека „фронтот“ веќе го напуштиле Демократската партија на Турците и ДПА на Мендух Тачи, што, според нив, е само почеток на распаѓањето.
На крајот од соопштението, „ВЛЕН“ порачува дека нивната коалиција е пообединета од кога било досега и дека тие се единствената вистинска алтернатива за промени и развој. Тие заклучуваат дека корупцијата и разочарувањата не можат да се избришат со ново лого, и дека на локалните избори во октомври „ВЛЕН“ ќе биде единствениот победник.