ВЛЕН: Обвинителството и судството сѐ уште не постапуваат по негативниот ревизорски извештај за Османи

Коалицијата ВЛЕН изрази загриженост поради молчењето на Обвинителството и судството, еден месец по објавувањето на негативниот извештај на Државниот завод за ревизија за трошењата во Министерството за надворешни работи, додека со него раководеше Бујар Османи.

​ВЛЕН нагласува дека ревизорите утврдиле оти над 120 милиони денари (околу 2 милиони евра) се потрошени за организација на самитот на ОБСЕ во Скопје без соодветна документација и евиденција за испорачаните стоки и услуги.

​Историја на „незаконски постапки“

​Од ВЛЕН посочуваат дека ова не е првпат Османи да добие негативен ревизорски извештај. Истиот случај се повторил и додека тој бил министер за здравство, кога добил низа забелешки за незаконски постапки и сомнителни исплати.

​Коалицијата смета дека институциите покажуваат дека Османи е под нечија заштита и дека за него важат поинакви правила од оние за останатите граѓани.

​„Ако беше било кој друг граѓанин, ќе одговараше и за сообраќајна казна. Но, за Бујар Османи изгледа важат други правила“, велат од ВЛЕН.

​Според соопштението, Јавното обвинителство има законска обврска да отвори случај по негативниот извештај на Државниот завод за ревизија. ВЛЕН предупредува дека доколку тоа не се случи, ќе биде вторпат како институциите свесно го амнестираат Османи.

​На крајот, од ВЛЕН порачуваат дека граѓаните заслужуваат правда и отчетност, а не политички имунитет за оние што ја злоупотребиле државата за лични цели. Коалицијата најави дека ќе продолжи да бара одговорност до крај.