ВМРО-ДПМНЕ ги обвинува СДС и поранешните директори на службите за политичка хајка

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, одржа прес-конференција на која ги обвини СДС, Зоран Заев и Венко Филипче за злоупотреба на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР). Според него, службите за безбедност и разузнавање во периодот од 2019 до 2024 година работеле за политички цели, спроведувајќи прогон и хајка против ВМРО-ДПМНЕ, замолчување на новинари и уцена на бизнисмени.

​„Ова е скандал од невидени размери“, изјави Петрушевски, нагласувајќи дека партијата која дојде на власт со проектот „Вистината за Македонија“, седум години подоцна ја открива „поинакво, грдо и болно лице“.

​Петрушевски тврди дека Христијан Мицкоски, тогашен лидер на опозицијата, бил неосновано ставен на оперативна обработка од службите.

​„Според сознанијата кои ги имаме, претседателот Мицкоски, неосновано и со една единствена цел, политичка елиминација, бил ставен на оперативна обработка од страна на службите кои ги воделе кадри на СДС“, рече пратеникот.

​Тој директно ги посочи поранешните директори на АНБ, Виктор Димовски и Заре Милошески, како и директорот на АР, Еролд Муслиу, дека го следеле движењето, комуникацијата и делувањето на Мицкоски. Петрушевски ова го оцени како крајно тоталитаристички чин, „кој не е виден никаде во развиените западни демократии, особено не во последните 100 години“.

​Петрушевски побара итна и недвосмислена акција од Јавното обвинителство (ЈО), барајќи одговорност од Димовски, Милошески, Муслиу и нивните политички наредбодавци во врвот на СДС.

​Пратеникот постави неколку прашања, меѓу кои:

​Кој бил одговорен за следењето на ПИМ мерките (Посебни истражни мерки) од 2019 до 2024 година и дали тоа е актуелниот јавен обвинител Љупчо Коцевски?

​Кому му служеле прислушуваните материјали и дали со нив се тргувало со влијание и се уценувале бизнисмени?

​Петрушевски на крајот нагласи дека ваквата пракса мора да биде казнета и никогаш да не се повтори.