ВМРО-ДПМНЕ остро го нападна поранешниот дипломат и политичар Андреј Жерновски, обвинувајќи го дека се приклучил кон, како што велат, политики што го поткопуваат угледот и позициите на Македонија на меѓународен план.
„Жерновски се стави во служба на странски наративи на штета на македонскиот идентитет и македонските интереси. Заедно со структури од СДСМ продолжува со сервилноста во корист на странски агенди, а на удар на македонскиот идентитет и државните позиции“, се вели во партиското соопштение.
Од партијата тврдат дека Жерновски и поранешниот министер за здравство, Венко Филипче, се ставиле на располагање како, како што наведуваат, најгласни поборници за бугарските агенди и интереси во Македонија.
„Жерновски повторно зборува во полза на бугарскиот наратив за Македонија. Со оглед на неговото семејно потекло и фактот дека неговиот дедо бил бугарски кмет, тоа за него очигледно не е проблем“, обвинува ВМРО-ДПМНЕ.
Според соопштението, ваквите ставови на Жерновски, Филипче и раководството на СДСМ, ја довеле Македонија во „понижувачка позиција“ пред Бугарија, која, како што тврдат, отворено го негира македонскиот јазик, нација и идентитет.
„ВМРО-ДПМНЕ нема да молчи кога структури на СДС се обидуваат да ја извртат историјата и да ги рушат позициите на Македонија. Ќе продолжиме да ги браниме националните интереси и достоинството на македонскиот народ“, стои во заклучокот на соопштението.