ВМРО-ДПМНЕ: Заврши времето на неказнивост, законите важат за сите

Според владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, времето на неказнивост и партиска заштита е завршено, а почитувањето на законите и процедурите е задолжително за сите. Во партиско соопштение се наведува дека нема недопирливи поединци под политичка закрила, ниту предмети кои ќе стојат во фиока.

​Како пример, се посочува експресното разрешување на поранешниот началник од Демир Хисар, кој поради недолично однесување, освен што бил отстранет од функција, се соочува и со дисциплинска постапка.

​Критика кон претходната власт

​Во соопштението се нагласува дека ваков неселективен пристап и санкционирање на самоволието и кршењето на законот не постоело во времето на Зоран Заев, Оливер Спасовски и Али Ахмети. Според ВМРО-ДПМНЕ, тогаш се апселе само политички неистомисленици, додека криминалците и локалните функционери од нивните редови биле заштитени.

​Од партијата потсетуваат дека тогашните служби ја покажувале својата сила кон политичари од спротивниот табор, користејќи апсења во раните утрински часови, влегувања во домови без судска дозвола и спроведувајќи политички терор.

​ВМРО-ДПМНЕ заклучува дека сега, согласно законот и процедурите, секој што ќе се огреши ќе одговара, без разлика на позицијата што ја извршува.