ВМРО-ДПМНЕ за случајот со таткото на Тошковски: Министрот не го оправдува, Левица реагира од страв

Партијата ВМРО-ДПМНЕ реагираше на објавата од Левица за судската пресуда на Ташко Тошковски, таткото на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Според објавената пресуда, Ташко Тошковски во 2013 година бил осуден на условна казна од осум месеци за измама – ветувал на осум лица дека ќе им овозможи инвалидска пензија, за што наплатувал по 3.300 евра, но пензии тие не добиле.

Наместо лично обраќање од министерот или неговиот кабинет, реакција пристигна од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, каде стои:

„Ја разбираме нервозата и фрустрацијата на Левица – приврзок на Зоран Заев и љубители на делото на Енвер Хоџа – кон министерот Тошковски. Зад тие напади се крие стравот, бидејќи Тошковски расчистува со криминалот, а законот конечно важи за сите.“

Оттаму додаваат дека министерот не ги негира фактите, ниту, како што велат, барал исклучок за својот татко:

„Тошковски не рече дека законот не важи за неговиот татко. Напротив, за секој што ќе се огреши, без разлика дали му е роден брат или сестра, треба да има одговорност.“

Во завршниот дел од реакцијата, ВМРО-ДПМНЕ најавува и нова тема:
„Го информираме народот за т.н. подрум што Левица го купи во центарот на Скопје по симболична цена. Тоа не е само подрум, туку објект со и приземје.“