На прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски ја обвини Каја Шукова, кандидатка за градоначалничка на Скопје од СДСМ, дека е директно виновна за проблемот со депонијата „Вардариште“. Тој истакна дека Шукова, која била државен секретар и министерка за животна средина, а во истото министерство работи над 20 години, повторно ветува решавање на истиот проблем.
Манасиевски потсети на изјавата на поранешниот премиер Зоран Заев од 2017 година, кога вети чист воздух во Аеродром, додека Шукова била одговорна за ова прашање. Според него, СДСМ, Заев и Шукова веќе седум години ветуваат, но не испорачуваат резултати.
„Кога Шукова не успеа за над 20 години работа во ресорното министерство, дополнително како државен секретар и министер да го реши Вардариште, со кое лице повторно излегува пред граѓаните и ветува дека дури сега за 3 месеци ќе го среди овој проблем?“, праша Манасиевски.
Тој додаде дека во времето на владата на СДСМ биле тргнати чуварските служби од „Вардариште“ и „Дрисла“.
Манасиевски изјави дека граѓаните заслужуваат подобра животна средина и дека ВМРО-ДПМНЕ и нивниот кандидат за градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, имаат план да го решат овој проблем.