ВМРО-ДПМНЕ најави почеток на постапките за реализација на најголемиот инфраструктурен проект во поновата историја на Македонија – изградба на брза пруга од Табановце до Гевгелија, со проценета вредност од 1,7 до 2 милијарди евра.
Од партијата информираат дека во вторник ќе биде формирано координативно тело, кое ќе го води процесот за обезбедување на потребните финансиски средства за проектот, кој, како што велат, е од регионално значење.
„Брзата пруга Табановце–Гевгелија ќе биде комплетно нова железничка инфраструктура со нови возови, локомотиви, како и целосно модернизирана железничка станица во Скопје и реконструирани станици низ земјата“, стои во партиското соопштение.
Планот предвидува брзина на патничкиот железнички сообраќај до 160 км/час, а на товарниот до 120 км/час. Со тоа, граѓаните ќе можат да стигнат до Солун за час и половина, а до Виена за четири до пет часа. ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека проектот ќе се спроведува според британски и европски безбедносни и технички стандарди.
„Со оваа пруга, Македонија конечно ќе почне да ја користи својата стратешка местоположба, впишувајќи се на европската карго мапа. Очекуваниот годишен приход од товарниот железнички транспорт е меѓу 100 и 120 милиони евра“, се додава во соопштението.
Новата делница ќе ја намали должината на трасата од Табановце до Гевгелија од сегашните 235 на помалку од 200 километри, овозможувајќи побрз и поефикасен транспорт меѓу Србија и Грција.
Партијата заклучува дека развојот на железничката и патната инфраструктура ќе значи нови економски можности, подобра поврзаност и поквалитетен живот за граѓаните.