Со потпишаниот договор со Велика Британија, на Македонија ѝ се отвора можност за реализација на капитални проекти вредни 6 милијарди евра – инвестиции кои, според ВМРО-ДПМНЕ, ќе го поттикнат економскиот раст и развојот на државата.
„Ова е најголемата економска рамка досега, преку која ќе започне нов инвестициски циклус,“ истакнува партијата во своето соопштение, најавувајќи проекти во енергетиката, транспортот, здравството, образованието и дигитализацијата.
Како клучен дел од планот се посочуваат хидроцентралите Чебрен и Галиште, за кои се предвидени 1,3 милијарди евра. Дополнително, се најавува и голем проект за модернизација на железничката инфраструктура: изградба на брза пруга Табановце–Гевгелија и реконструкција на постојната линија, инвестиција од околу 2 милијарди евра.
Во здравствениот сектор, планирано е конечно завршување на болницата во Кичево и обнова на клиничката болница во Тетово. Во образованието, првиот бран носи изградба на нов медицински факултет во Штип и студентски дом со најмалку 200 легла.
„Ова е само почеток на еден широк фронт на капитални инвестиции што ќе значат отворање на нови работни места, подобрување на инфраструктурата и поквалитетен живот за граѓаните,“ наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.