​ВМРО-ДПМНЕ обвинува за „Рекет 2“: ЈО го заташкува случајот за да ги заштити СДСМ и ДУИ

Политичката партија ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе со соопштение во кое тврди дека во јавноста излегол нов скандал, наречен „Рекет 2“, кој судско-обвинителскиот систем го крие и заташкува.

​Според ВМРО-ДПМНЕ, Основното јавно обвинителство (ОЈО) отворило предистражна постапка, но потоа целиот процес бил стопиран, а предметот ставен во „фиока“. Партијата смета дека со ова се штитат лица блиски до поранешната власт.

​ВМРО-ДПМНЕ наведува дека во случајот се опфатени поранешната претседателка на СЈО, Катица Јанева, и уште тројца активни обвинители, кои наводно се обиделе да рекетираат познат бизнисмен.

​Партијата ја повикува македонската јавност да дознае дали случајот се крие за да се заштити некој од СДСМ и ДУИ, како и дали шефот на ОЈО, Љупчо Коцевски, ги штити неговите наредбодавци, бидејќи, според нив, во изминатата година не е поведена ниту една постапка против поранешни функционери.

​„Коцевски и ЈО да си ги оправдаат платите кои им ги даваат граѓаните и да се фатат за работа за да ги истражат сите криминални дејствија и да донесат правда“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.