Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ утврди листа од 25 кандидати за градоначалници за претстојните локални избори. Најголемиот дел од предложените имиња се актуелни градоначалници кои, според партијата, уживаат силна поддршка кај граѓаните. Одлуката за кандидатот за Град Скопје сè уште не е донесена.
По состанокот, генералниот секретар Ѓорѓија Сајкоски изјави дека сите предложени кандидати добиле високи оценки од граѓаните и анкетите спроведени на терен.
„Сите кандидати кои што се избрани го имаат поминато тестот на граѓаните во изминатите четири години, а тоа го потврдуваат и анкетите“, рече Сајкоски.
ВМРО-ДПМНЕ ги предложи следните кандидати:
- Аеродром – Дејан Митески
- Бутел – Дарко Костовски
- Ѓорче Петров – Александар Стојкоски
- Чучер Сандево – Зоран Бајовски
- Штип – Иван Јорданов
- Велес – Марко Колев
- Свети Николе – Дејан Владев
- Карбинци – Виктор Паунов
- Градско – Киро Нацков
- Кавадарци – Митко Јанчев
- Гевгелија – Андон Сарамандов
- Зелениково – Коста Маневски
- Илинден – Александар Георгиевски
- Конче – Златко Ристов
- Делчево – Иван Гоцевски
- Ново Село – Ѓорге Божинов
- Василево – Славе Андонов
- Босилово – Ристо Манчев
- Берово – Петар Ружински
- Петровец – Борче Митевски
- Битола – Тони Коњановски
- Охрид – Кирил Пецаков
- Вевчани – Спасе Кочовски
- Брвеница – Јовица Илиевски
- Јегуновце – Димитар Костадиновски
Од партијата нагласуваат дека станува збор за „чесни, одговорни, работни и експедитивни луѓе“. Како што посочуваат, дел од кандидатите се актуелни градоначалници кои направиле значајни трансформации во своите општини, додека другите се луѓе со капацитет и енергија да донесат ново темпо на работа, особено во општините каде што сега раководат кадри од СДСМ.
Паралелно со утврдувањето на кандидатите за градоначалници, во тек се и внатрепартиските избори за советници, кои се спроведуваат преку месните и општинските комитети. Од ВМРО-ДПМНЕ ги повикуваат и граѓаните кои не се партиски определени да учествуваат со свои предлози за идни советници.