ВМРО-ДПМНЕ излезе со остра критика на изборниот резултат на СДСМ, тврдејќи дека партијата предводена од Венко Филипче доживеала голем пораз. Според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ во главниот град не успеала да влезе ниту во вториот круг, а ја изгубила и Струмица, која ја нарекуваат „бастион“ на СДСМ.
Од партијата на Христијан Мицкоски соопштуваат дека СДСМ во Скопје се нашла дури на четвртото место, престигната од коалицијата ВЛЕН. Дополнително, ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека го освоила „бастионот Струмица“ уште во првиот круг, со што, како што велат, граѓаните јасно им кажале „не“ на политиките на СДСМ.
„Венко Филипче ни помалку ни повеќе ја направи СДСМ трета партија, по општини гледано некаде и четврта“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според анализата на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ не успеала да го заземе второто место, односно е трета, а некаде и четврта сила во повеќе општини. Како пример ги наведуваат следниве општини: Битола, Брвеница, Бутел, Дебарца, Карпош, Кисела Вода, Кочани, Македонски Брод, Могила, Долнени, Куманово, Шуто Оризари и Скопје.
„Резултатите од првиот круг избори јасно покажуваат дека СДС предводена од Венко Филипче заедно со неговиот струмички гуру Зоран Заев покажаа целосна безидејност, немање на никакви проекти, односно ништо не им понудија на граѓаните со што се потврди нивната грижа само за нив лично“, истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ.
На крајот, од партијата порачаа дека единствениот добар и корисен потег што може да го направи Филипче за народот и за самата СДСМ е да си поднесе оставка.