Од ВМРО-ДПМНЕ жестоко реагираат на најавите од СДСМ и Венко Филипче за нови младински политики, обвинувајќи ги дека токму тие се заслужни за разочарувањето кај младата популација.
„СДС и Филипче ја уништија надежта на младите. Им ветуваа студентски град и нови домови, но реалноста е празни зборови и недоставени резултати“, стои во соопштението на опозициската партија.
Оттаму потсетуваат дека СДСМ не успеала да го запре одливот на млади во странство, ниту да обезбеди учебници за учениците. „Шангајската листа покажа пад на УКИМ, а ветените реформи останаа само на хартија. Единствениот ‘успех’ им беше укинувањето на екстерното тестирање“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, и стартап селото, покачените стипендии и поддршката за најдобрите студенти останале само празни ветувања. „Стипендиите не беа исплатени, а некои целосно ги укинаа“, обвинуваат од партијата.
Во спротивност, ВМРО-ДПМНЕ најавува сериозна поддршка за младите преку оперативен план вреден 40 милиони евра. Во него се предвидува:
- реконструкција на студентски домови до 2026 година (17 милиони евра),
- ваучери од 250 евра за електронски уреди за секој студент,
- поддршка до 30.000 евра за младински стартапи,
- проширен студентски оброк и за постдипломци и студенти од приватни универзитети,
- зголемување на студентскиот стандард за 18%, а ученичкиот за 12% во однос на 2024 година.
„Ова е суштинската разлика меѓу тие што зборуваат и тие што работат“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.