ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека СДСМ ја злоупотребила Агенцијата за разузнавање (АР) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) за да го следи и прислушува претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, како и новинари, бизнисмени и јавни личности. Според ВМРО-ДПМНЕ, ова е дел од „видено сценарио“ на СДСМ за злоупотреба на институциите за партиски и политички цели.
Во соопштението се наведува дека во периодот од 2019 до 2024 година, службите работеле за СДСМ со цел да се спроведе „хајка и политички прогон“ против ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, но и за да се замолчат новинарите и да се уценуваат бизнисмени.
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека Мицкоски бил неосновано ставен на оперативна обработка од службите, под водство на кадри од СДСМ, со единствена цел за политичка елиминација. Во соопштението конкретно се споменуваат имињата на поранешните раководители Виктор Димовски, Заре Милошески и Еролд Муслиу, кои наводно ја следеле комуникацијата и движењето на Мицкоски.
Партијата смета дека ваквиот начин на делување ги нарушува демократијата и безбедноста на државата и дека претставува „тоталитарна метода, несвојствена за западните демократии“.
ВМРО-ДПМНЕ го осуди „молчењето“ на Јавното обвинителство иако, како што велат, сите информации и докази им се достапни. Партијата бара Јавното обвинителство итно да отвори случај и да побара одговорност од раководните лица на институциите во тој период, како и од нивните „политички наредбодавци“ од врвот на СДСМ.
Воедно, се поставува прашањето дали актуелниот главен јавен обвинител Љупчо Коцевски бил одговорен за издавањето на мерките за следење (ПИМ-мерки), и дали неговото назначување е „награда за сработеното“. ВМРО-ДПМНЕ исто така прашува дали со прислушуваните материјали се тргувало со влијание, се замолчувале новинари и се уценувале бизнисмени.