ВМРО-ДПМНЕ со „Програма за програмата“: Парите за уметниците си ги трошат за себе

Министерството за култура на ВМРО-ДПМНЕ предводено од Зоран Љутков, повторно демонстрира што значи неспособна и себична власт, власт што се занимава со себе, додека уметниците се оставени сами на себе, без поддршка, без средства и без никаква визија, се вели во денешното соопштение на Комисијата за култура на СДСМ.

Во време кога македонските културни работници живеат на работ на егзистенција, кога институциите немаат пари за основни продукции, министертството организира собири на директори на културно-информативните центри, кои слушајте добро, разговарале за идната улога на КИЦ-овите и си делеле признанија меѓу себе.

Ова е “програма за програмата”.
Ова е карикатура од културна политика.
Ова е типично вмровско глумење активност – без содржина, без резултати, но со патни трошоци, дневници, хотелски сметки и аплаузи сами за себе.

Ако ВМРО-ДПМНЕ ја разбра културната дипломатија како турнеја на директори, тогаш нека им објаснат на македонските уметници зошто годинава нема конкурс за поддршка на самостојни уметнички проекти, зошто нема нови театри, фестивали, изданија, зошто нема програма за мобилност и зошто сè уште се влече со месеци исплатата на стипендии и хонорари.

Иронијата е уште поголема ако се знае дека тие КИЦ-ови што денес си делат благодарници во Белград, Загреб, Истанбул, Тирана се токму дело на Владата предводена од СДСМ!
СДСМ ги отвори, ги опреми, ги стави во функција, со содржини, со меѓународни партнери, со транспарентни програми.

Љутков и ВМРО денес се појавуваат на сликите, но живата култура во нивните раце умира.

Но прашањето што денес го поставуваме е уште посериозно:

ШТО КРИЕ ЗОРАН ЉУТКОВ ОД СВОЈАТА ПОСЕТА НА САД?

Министерот за култура во тајност замина на десетдневна посета во САД, се врати пред околу три недели и до денес не објави ништо. Ни агенда, ни фотографии, ни извештај.

-Дали министерот мисли дека ако не објави слики, ќе биде како да не бил?
– Дали патувал службено или приватно со службени трошоци?
– Со кого се среќавал?
– На кои настани присуствувал?
– Колку државни пари потрошил?

Бараме итна објава на официјалната агенда, список на делегацијата, извештај за резултатите и трошоците од ова патување.

Парите на граѓаните не се за скриени тури и тајни посети!
Културната дипломатија не се води со сенки, туку со отчетност и содржина.

СДСМ порачува:
Доста е од културна лага!
Вратете ги парите кај уметниците!
Објавете ги сите детали за посетата во САД – или поднесете оставка!

Културата не е партиски плен, туку основа на националното достоинство.
А министерот Љутков денес со молк и манипулација го поткопува токму тоа достоинство.