ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата остварија убедлива предност во првиот круг од локалните избори, освојувајќи ја градоначалничката функција во 53 општини. Според првичните резултати од Државната изборна комисија (ДИК), Коалицијата ВРЕДИ победи во 9 општини, додека СДСМ и нивната коалиција славеа во само 8. Гласањето ќе се повтори во три општини поради недоволен цензус, а вториот круг е закажан за 2 ноември.
Според првичните резултати на ДИК, добиени по обработени 99,94 отсто од гласовите, кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ забележаа победи во: Аеродром, Берово, Битола, Босилево, Брвеница, Бутел, Валандово, Василево, Вевчани, Велес, Виница, Гази Баба, Гевгелија, Ѓорче Петров, Градско, Дебарца, Делчево, Демир Капија, Демир Хисар, Дојран, Зелениково, Зрновци, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Карпош, Кисела Вода, Кичево, Кочани, Конче, Кратово, Македонска Каменица, Македонски брод, Могила, Неготино, Новаци, Ново Село, Охрид, Петровец, Пехчево, Прилеп, Пробиштип, Радовиш, Ранковце, Ресен, Свети Николе, Сопиште, Старо Нагоричане, Струмица, Чешиново-Облешево и Штип.
СДСМ и коалицијата освоија најмногу гласови во општините Богданци, Крива Паланка, Кривогаштани, Крушево, Лозово, Росоман, Центар и Чучер Сандево.
Кандидатите од Коалицијата ВРЕДИ забележаа победи во општините Арачиново, Боговиње, Дебар, Долнени, Желино, Сарај, Теарце, Тетово и Чаир.
Националната алијанса за интеграција (НАИ) доби најмногу гласови во Врапчиште, Гостивар, Липково, Пласница и Чашка.
Поединечни победи во првиот круг остварија и други политички субјекти и независни кандидати. Кандидатот на Движење ЗНАМ, Максим Димитриевски, освои најмногу гласови во Куманово, Курто Дудуш од Унијата на Роми победи во Шуто Оризари, во Струга и Студеничани победија независните кандидати Менди Ќура и Азем Садиќи, додека во Центар Жупа победи кандидатот на Демократската партија на Турците (ДПТ), Аријан Ибраим.
Повторување на изборната постапка е неопходно во Центар Жупа, Маврово и Ростуше, како и во Врапчиште, бидејќи не е постигнат потребниот изборен цензус, односно на гласање не излегле најмалку една третина од запишаните избирачи.
Според Изборниот законик, градоначалник во првиот круг е избран само доколку добие мнозинство гласови од гласачите и доколку на изборите излегле најмалку една третина од вкупниот број запишани избирачи. Доколку овој услов не е исполнет, изборната постапка за соодветната општина се повторува.
Изборите за членови на советите се спроведуваат по пропорционален модел во еден круг, додека изборот за градоначалници се врши по мнозинскиот изборен модел. Вториот круг од локалните избори ќе се одржи на 2 ноември.