Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на локалните избори, освојувајќи градоначалнички позиции во Град Скопје и уште 53 општини, со што вкупно ќе управува со 54 општини. Според конечните резултати од двата круга, коалицијата ВРЕДИ е втора политичка сила по бројот на градоначалници со девет освоени општини, додека коалицијата на СДСМ ќе има осум градоначалници.
Коалицијата НАИ освои пет градоначалнички места. Движење ЗНАМ, Демократската партија на Турците и Унијата на Ромите, ќе имаат по еден градоначалник. Две општини ќе бидат предводени од независни кандидати.
Во вториот изборен круг вчера се избираа градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје. Претходно, на 19 октомври, во првиот круг, беа избрани 44 градоначалници.
Во четири општини – Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше – вчера немаше гласање, бидејќи во првиот круг не беше постигнат законскиот праг за одѕив на гласачи. Поради тоа, ќе се спроведе нова изборна постапка во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати од Локалните избори 2025.
Ова беа осми Локални избори во земјата, а четврти на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. На изборите учествуваа вкупно 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи, односно независни кандидатури.