ВМРО-ДПМНЕ: Таравари од сојузник на Мицкоски стана гласноговорник на Ахмети

ВМРО-ДПМНЕ со жестока реакција на изјавите на Арбен Таравари, обвинувајќи го дека од човек кој до неодамна го фалеше Христијан Мицкоски, денес се претворил во негов критичар, и тоа – како што велат, под диктат на Али Ахмети.

„Не му пречеше Мицкоски додека беше дел од Владата. Напротив, тогаш зборуваше за неговата искреност, капацитет и посветеност. Но, кога го притиснаа со некои папки и му дојдоа потсетници, реши дека е полесно да се стави во служба на ДУИ“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата порачуваат дека не го поддржуваат неговото однесување, но дека го разбираат – бидејќи „кога еднаш ќе си дозволиш да бидеш фатен, тогаш мораш да ја играш туѓата игра“.

„Како што дел од функционерите на СДСМ и градоначалничката на Скопје се ставија под капата на Ахмети, така и Таравари, очигледно, удобно се смести во тој скут. И воопшто нема да нè изненади ако на крајот реши да се преименува во Али – само за да покаже колку е лојален“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму заклучуваат дека Таравари од човек со кредибилитет се претворил во симбол на политичко понижување, но и дека „народот гледа сè, а секој на крај ќе си го добие заслуженото“.