ВМРО-ДПМНЕ удри по земјоделците: Буџетот за субвенции скратен за над 30 милиони евра

Со ребалансот на Буџетот, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ првпат во историјата ги намалува субвенциите за земјоделството – сектор од суштинско значење за националната економија и безбедноста на храната, реагира СДСМ.

Според партијата, финансиската поддршка за земјоделците, која во 2023 година изнесувала 8,3 милијарди денари, сега е намалена на 6,7 милијарди денари. Тоа значи дека за земјоделието се издвојуваат над 30 милиони евра помалку во споредба со претходната година.

„Наместо зголемена и стабилна поддршка, каква што обезбедувавме додека бевме на власт, ВМРО-ДПМНЕ носи кратења и директен удар врз земјоделците“, се вели во соопштението од СДСМ.

Дополнително, ВМРО-ДПМНЕ ја укинува и авансната исплата од 30% на субвенциите, што претходно беше воведена како поддршка за планирање и работа на земјоделците.

Партијата посочува и на намалувањето на средствата за програмата за рурален развој, како и на укинувањето на лимитот од 18 милиони денари за директни плаќања – чекор кој, според нив, оди во прилог на крупните компании на сметка на малите земјоделски производители.

Дополнителна загриженост, велат од СДСМ, предизвикува предупредувањето од Европската Унија во врска со слабата искористеност на ИПАРД-средствата – проблем што настанал поради заминувањето на 136 вработени професионалци од Министерството за земјоделство и Платежната агенција.

„Јасно е – ВМРО-ДПМНЕ се откажува од сите позитивни реформи кои ги воведовме и ја нарушува правичната распределба на државната поддршка во земјоделството. Ништо од ветеното не се реализира. Земјоделците се изневерени“, порачуваат од СДСМ.