ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) е неспособен да ги реши проблемите на државата, бидејќи не може да се справи ни со сопствениот внатрешен хаос. Според владејачката партија, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, треба да им се извини на граѓаните за „општествениот, економскиот и социјалниот хаос“ што го оставиле по седумгодишното владеење.
„Креаторот на проблемите, СДС не може да биде решение“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата го обвини СДСМ дека за седум години ја опљачкале и презадолжиле државата, ја уништиле економијата и го осиромашиле народот. Исто така, ги обвинија за злоупотреба на институциите, велејќи дека државниот апарат бил искористен за „испумпување пари и богатење на поединци“.
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека СДСМ го искористил и безбедносниот систем за следење и прислушување на претседателот Христијан Мицкоски, партиски функционери, новинари и бизнисмени.
На крајот, од владејачката партија порачаа дека СДСМ сега може да седи и да гледа како ВМРО-ДПМНЕ ги развива општините и државата, спроведува проекти и креира политики кои го подобруваат животот на граѓаните.