Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, остро ја критикуваше денешната прес-конференција на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го за лаги и манипулации. Според Стојаноски, Филипче се обидува да ја прикрие вистината дека Македонија е држава со стабилни финансии и институции, кои почнале да се обновуваат по годините на корупција.
Стојаноски изјави дека прес-конференцијата на Филипче е доказ оти СДСМ е изгубена партија. Тој ја критикуваше најавената коалиција на СДСМ со ДУИ, прашувајќи што толку има ДУИ за да не можат да се тргнат од нивниот скут.
„Секојдневно зборуваат за „ново раководство“ и „автентични одлуки“, а на крајот повторно се враќаат кај старите партнери во криминал и во корупција“, рече Стојаноски.
Стојаноски го прозва Филипче да одговори чија е јахтата на која го поминал летото. Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ никогаш не рекло дека јахтата е негова, туку дека е на неговиот ментор, кој и денес го контролира.
„Наместо да глуми жртва на пропаганда, нека ја каже вистината“, додаде Стојаноски, обвинувајќи го Филипче за бегство од вистината со „празни флоскули“.
Стојаноски го потсети Филипче дека бил дел од влада која ја донела највисоката инфлација, најскапата струја и гориво, и сиромаштија во земјата.
Тој ги спореди економските резултати:
Под ВМРО-ДПМНЕ (јули 2024 – јуни 2025): номинален раст на платите од 10,1% и реален раст од 6,5%.
Под СДСМ (2017 – мај 2024): номинален раст од 8,2% и реален раст од 3,5%.
Исто така, нагласи дека просечната инфлација под СДСМ била 4,7%, додека под ВМРО-ДПМНЕ е 3,6%.
Стојаноски изјави дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ обезбедува стабилност, нови инвестиции и работни места, што СДСМ не знае ни да го замисли.
На крајот, тој заклучи дека граѓаните ја гледаат „играта“ на Филипче и неговите ментори и затоа СДСМ е на четврто место со 6% рејтинг, додека ВМРО-ДПМНЕ ја води државата кон стабилност и европска иднина.