Кина, по повод 80-годишнината од крајот на Втората светска војна, организираше голема воена парада за да ја покаже растечката моќ на својата војска. Иако Кина вложува огромни напори за модернизација, се соочува со значителни пречки, а САД сѐ уште го задржуваат водството во повеќе клучни аспекти.
Кина постојано го зголемува својот воен буџет, кој официјално изнесува 247 милијарди долари во 2025 година. Сепак, според независни проценки, реалните трошоци се значително повисоки, достигнувајќи и до 471 милијарда долари. Иако кинескиот буџет за одбрана е пет до седум пати поголем од оние на Јапонија и Јужна Кореја, тој сè уште е трипати помал од американскиот, иако јазот брзо се намалува.
Најголем напредок е забележан во кинеската морнарица, која по број на бродови ги надмина САД. Сепак, според вкупната тонажа, бројот на ракетни лансери и искуството во далечни води, Кина сè уште заостанува.
Слична е ситуацијата и во воздухопловството. Кинеските воздухопловни сили и морнарица постепено ги заменуваат постарите борбени авиони со посовремени, како што е J-20, кој има „стелт“ способности и може да извршува прецизни напади.
Растот на нуклеарниот арсенал на Кина е една од најголемите грижи за САД. Бројот на кинески нуклеарни боеви глави се удвоил од 2019 година и се очекува до 2035 година да достигне 1.500. Иако САД сѐ уште имаат значително повеќе (3.700), темпото на кинеската експанзија е загрижувачко.
Сепак, експертите забележуваат дека нивото на воена подготвеност на Кина е пониско од она на САД, што значи дека нивната способност за активна борба е помала. Покрај тоа, ниту едно од кинеските оружја не е тестирано во вистинска борба, што е уште еден показател за нивната реална ефикасност.
Кинеската војска, и покрај намалувањето на копнените сили, сѐ уште има повеќе од два милиони активни војници, што е значително повеќе од американските 1,31 милион.
Иако Кина го намалува технолошкиот јаз, експертите се согласуваат дека САД сè уште ја имаат најмоќната армија во светот. Сепак, независноста на Кина од странски добавувачи на оружје ја прави поотпорна на надворешни притисоци.