Денеска во Белград ќе се одржи воена парада насловена „Силата на единството“, со која ќе се одбележи Денот на српското единство, слобода и националното знаме.
Според Министерството за одбрана, на парадата ќе учествуваат околу 10.000 припадници на српската војска. Ќе бидат прикажани околу 2.500 видови оружје и воена опрема, вклучувајќи повеќе од 600 возила, 70 авиони и 20 пловни објекти.
Посетителите ќе можат да видат широк спектар на модерна воена опрема, вклучувајќи:
- Авиони МиГ-29, „Орел“, Ц-295 КАСА, Ми-35М и Х-145.
- „ФК-3“, HQ-17, како и модерни радари ГМ400.
- „Милош“, „МРАП“, „Лазар 3“, „Хамер“ и БОВ ОТ.
- Модернизирани тенкови М-84 AS1/2/3, самоодни хаубици NORA од 155 мм, системи PASARS, беспилотни летала и руски системи за антиелектронско војување „Красуха“ и „Репелент“.
На парадата за првпат ќе бидат прикажани и неколку нови средства, вклучувајќи го повеќецевниот ракетен фрлач со долг дострел PULS, набавен од Израел.
Во парадата ќе учествуваат единици од сите родови и служби на српската армија, кадети од Воената академија и пловни објекти од Речната флотила.